Општина Делчево и ДПСС „Осогово“ потпишаа Меморандум за унапредување на безбедноста во планинските подрачја
Со цел зголемување на безбедноста на граѓаните и посетителите, особено во планинските подрачја, Општина Делчево денеска потпиша Меморандум за соработка со Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ од Кочани.
Од Општината посочуваат дека развојот на туризмот, особено планинскиот, и зголемениот број љубители на природата, наметнуваат потреба од поголема подготвеност, одговорност и зајакнати безбедносни механизми. Потпишувањето на меморандумот претставува значаен чекор кон унапредување на заштитата и сигурноста на сите кои престојуваат и се движат во планинските реони на општината.
Соработката предвидува заедничко и координирано спроведување на активности насочени кон подобрување на безбедноста на планина, побрза и поефикасна координација при интервенции, размена на знаења и искуства, како и реализација на превентивни активности, обуки и навремена реакција во случаи на несреќи и вонредни состојби.
Од Општина Делчево истакнуваат дека Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ е значаен партнер, чија стручност и хуманост имаат непроценливо значење. Како одговорна локална самоуправа, Општината останува посветена на градење партнерства кои директно придонесуваат за поголема сигурност и безбедност на заедницата.


