Гоцевски одржа работен состанок со раководителите во ЕЛС Делчево: фокус на поефикасни услуги за граѓаните
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Гоцевски, одржа темелен и работен состанок со раководителите на секторите и општинските одделенија, на кој беа анализирани состојбите во работењето на локалната самоуправа во изминатиот период.
По извршената детална анализа, градоначалникот ги сподели своите генерални забелешки, но и јасни определби и намери за значително унапредување на ефикасноста и квалитетот на услугите што Општина Делчево им ги нуди на граѓаните. Притоа беше потенцирана потребата од системски пристап во надминување на воочените недостатоци, со крајна цел подобрување на функционалноста на општината и ставање на потребите на граѓаните во преден план.

Охрабрувачки, според Гоцевски, е позитивната и сериозна подготвеност на раководниот кадар да одговори на овој програмски предизвик и активно да учествува во процесот на институционални промени.
Општина Делчево упати и јавна благодарност до граѓаните кои со свои мислења, предлози и идеи придонеле кон насоките за подобрување на работењето, изразувајќи уверување дека претстојните промени ќе донесат видливи и позитивни резултати во ефикасноста на општинската администрација.
Градоначалникот истакна дека општината има обврска навремено, законски и ефикасно да одговори на современите предизвици, очекувајќи јасно дефинирани резултати преку понуда и реализација на издржани и ефективни решенија во периодот што следува.

