Делчево доби современ систем за далечински мониторинг на пациенти од руралните и оддалечените подрачја
Делчево воведува современ систем за далечински мониторинг и дијагностика на пациенти, со што прави значаен исчекор во унапредувањето на примарната здравствена заштита, особено за жителите од руралните и оддалечените подрачја.
Градоначалникот денеска ја посети ЈЗУ Здравствен дом – Делчево, каде заедно со директорката Билјана Ѓеорѓиевска, докторите Софија Станоева Стојановска и Тони Георгиевски, како и со медицинскиот персонал од Итната медицинска помош, се запозна со новата опрема која овозможува следење на здравствената состојба на пациентите од далечина.

Станува збор за најсовремен систем преку кој во реално време се мерат основни здравствени параметри како крвен притисок, сатурација, пулс, дишење и електролитен статус. Податоците се следат од страна на здравствените работници преку компјутерски и таблет уреди, а системот овозможува истовремено мониторирање на двајца пациенти. Ова значително ќе ја олесни работата на медицинскиот персонал и ќе овозможи побрза и поефикасна интервенција.
Со проектот ќе бидат опфатени поголем број хронично болни и повозрасни лица, кои ќе добијат соодветна опрема за следење на здравствените параметри директно од својот дом. На овој начин се надминуваат предизвиците поврзани со недостиг на примарни здравствени услуги во оддалечените места, особено во услови на непогоди или отежнато движење.
Буџетот на проектот изнесува 30.000 евра и е обезбеден како донација од Австриската агенција за развој, а истиот се реализира со поддршка на НАЛАС и КДЗ. Надлежните оценуваат дека овој модел ќе придонесе за подобрување на квалитетот на здравствените и социјалните услуги и за подобра институционална координација на локално ниво.


