Советот на Општина Виница вчера ја одржа шестата редовна седница на која беа разгледани и усвоени повеќе значајни точки од дневниот ред, кои се однесуваат на финансиското работење на општината, функционирањето на јавните установи и претпријатија, како и на барања на граѓани и институции.
Советниците го разгледаа и усвоија Годишниот извештај на Општина Виница за 2025 година, кој ја опфаќа Предлог-завршната сметка на Буџетот за 2025 година, Годишниот извештај за средствата, побарувањата и обврските, Извештајот за реализација на инвестиционите програми, дотациите и самофинансирачките активности на единките корисници, како и извештаите за користење на средствата од резервите.
Во рамки на финансиските точки беше донесена и Предлог-одлука за проширување на средствата во Буџетот на општината за 2026 година, со цел непречена реализација на планираните активности и проекти. Советот донесе и Одлука за одобрување финансиски средства за одржување на спортско-рекреативната манифестација „Тодорови трки“, со што се потврдува континуираната поддршка на оваа традиционална манифестација.
На седницата беше донесено Решение за именување членови на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, со што се зајакнува институционалниот пристап кон ова прашање.
Советот ги разгледа и усвои полугодишните извештаи за работата за учебната 2025/2026 година, како и годишните сметки за 2025 година на основните училишта ООУ „Гоце Делчев“ – Виница, ООУ „Славчо Стојменски“ – Виница, ООУ „Кочо Рацин“ – с.Блатец и ООУ „Никола Парапунов“ – с.Драгобраште, како и на средното училиште СОУ „Ванчо Прке“ – Виница.
Дополнително, беа разгледани и усвоени годишните сметки за 2025 година на јавните установи од областа на културата и предучилишното воспитание: Дом на културата „Тошо Арсов“ – Виница, ЈОУ Библиотека „Ванчо Прке“ – Виница, Локален археолошки и историски музеј „Теракота“ – Виница и ОЈУДГ Детска градинка „Гоце Делчев“ – Виница.
Во делот на јавните претпријатија, Советот донесе решенија за престанок на мандат и именување в.д. членови на Управниот и Надзорниот одбор на ЈП „Кале“ – с.Блатец, како и одлуки за распишување јавни повици за избор на членови на Управен и Надзорен одбор на ЈП „Солидарност“ – Виница.
Советниците одобрија финансиска поддршка по повеќе барања на граѓани за лекување, за санирање на штета од опожарен објект, како и за поддршка на верски и месни заедници. Беше разгледано и барањето на Месната заедница Блатец за поддршка за итно запирање на проектот за мини хидроцентрала во село Блатец.
На седницата беа разгледани и донесени повеќе одлуки по барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, поднесени од физички лица, институции и верски објекти, согласно законските прописи.
Во рамки на дополнувањето на дневниот ред беа разгледани барањето за согласност на измена на Годишниот план за вработување за 2026 година на Општина Виница, како и неколку поединечни барања од граѓани.
Седницата заврши со поставување советнички прашања, при што беа отворени теми од интерес за локалната заедница, со акцент на инфраструктурата, комуналните услуги и тековните проекти во општината.

