Отворен нов Туристички културно-информативен центар во Делчево
Во Делчево започна со работа новиот Туристички културно-информативен центар, лоциран во најфреквентниот дел од градот, во близина на Градското кино. Центарот има за цел на едно место да ги презентира туристичките и културните потенцијали на општината и да придонесе кон локалниот економски развој.

Проектот го реализира Општина Делчево во соработка со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево и Министерство за дигитална трансформација. Предвидено е воспоставување репрезентативна база на туристички потенцијали, кои ќе бидат структурирани во туристички производи наменети за домашни и странски тур-оператори.
Во рамки на центарот ќе функционира и дигитална платформа за промоција на општината, како и низа промотивни активности и материјали.
Покрај туристичка афирмација, центарот ќе служи и како инфо-точка за локални уметници, занаетчии и културни работници, со цел подобра промоција на културниот и креативниот потенцијал на Делчево.


