Во Виница се одржа третата работилница од проектот „Моја идеја – наша реализација: Младински ХАБ – Млади исток“, на која учествуваа околу 20 млади лица, како и претставници на невладини организации и институции. Настанот се одржа во просториите на здружението ИНИ и во ресторанот „Галија“, а беше посветен на развојот на младинското социјално претприемништво.
Проектот има за цел формирање младински хаб кој ќе обезбеди знаења, вештини, менторство и поддршка за развој на социјални претпријатија управувани од млади. Целна група се младите од општините Виница, Делчево и Македонска Каменица, со фокус на поттикнување на нивната претприемачка иницијатива и вклучување во решавање на општествените предизвици.

Во рамки на работилницата, експертот Зоран Биковски одржа обука на тема менаџирање на социјални претпријатија и развој на бизнис идеи. Учесниците имаа можност да се запознаат и со правните аспекти и финансиското управување на ваквите претпријатија, како и со современите модели на социјални иновации.

Дополнително, младите работеа на изработка на канвас и бизнис планови и добија информации за пристап до фондови и други извори на финансирање.
Проектот „Моја идеја – наша реализација: Младински ХАБ – Млади исток“ е дел од иницијативата „RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите“, која се спроведува од Младински Сојуз – Крушево во соработка со Центарот за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијацијата „Паблик“, со поддршка на Европската Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество.

