Откако во Кочани се прошири информација дека, во селото Зрновци, е пронајдено мртво тело на жена, која претходно наводно била силувана, па убиена, од Обвинителството информираат дека е пронајдено тело на почината жена, но за сите останати лифтерувани информации велат дека засега се шпекулација.
Човечкиот леш во фаза на распаѓање е пронајден денеска околу 10:40 часот во село Зрновци, на локација позната како „Ѓошевски орев“, во близина на Зрновска Река, информира Министерството за внатрешни работи.
Од МВР наведуваат дека веднаш по пријавата се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од Основното јавно обвинителство Кочани соопштија дека јавен обвинител извршил увид на местото на настанот, при што е утврдено дека станува збор за тело на почината жена.
„До овој момент починатата не е идентификувана. Ќе биде наредена обдукција, а причините за смртта засега не се утврдени“, информираат од обвинителството.
Надлежните институции продолжуваат со истражни дејствија за утврдување на идентитетот на жената, како и околностите под кои настанала смртта.
До овој момент починатата не е идентификувана. Ќе биде наредена обдукција, а причините за смртта се уште не се утврдени, велат од Обвинителството.

