Донесена е конечна одлука од ФФМ:
ФК Каменица-САСА ќе игра бараж натпревар за влез во Втора фудбалска лига против екипата на ФК Превалец од Велес.

Во недела 04. Јуни 2017г. на градскиот стадион “Никола Мантов” во Кочани ќе се одигра бараж натпревар за влез во Втора фудбалска лига, помеѓу екипите ФК “Каменица-САСА” и ФК “Превалец” од Велес. Ќе се одигра само еден “нокаут-меч” во кој победникот ќе патува во Втора фудбалска лига. Стручниот тим, заедно со играчите се максимално подготвени и мотивирани со победа во оваа завршна “битка” да го остварат сонот и зацртаниот план, натпреварувачката сезона да ја завршат со влез на САСА во повисок ранг на натпреварување. Регуларниот дел од првенството и двете екипи го завршија на четвртото место од Трета фудбалска лига – Исток, односно Југ каде што се натпреваруваше екипата на Превалец од Велес.

Од ФК”Каменица-САСА” упатуваат и јавен повик до сите љубители на убавата фудбалска игра од Македонска Каменица и регионот, да присуствуваат на овој своевиден фудбалски спектакал. Да навиваат и бодрат за својот тим, да бидат дванаесетти играч на теренот и сите заедно да бидеме дел од големото славје и радост после заеднички извојуваната победа во недела.

