
На магистралниот пат Штип-Делчево во близина на „Кучичинска крстосница“ вчера се случила сообраќајна незгода помеѓу автомобил и велосипедист.
Возилото со марка „Форд Фиеста“, со делчевски регистерски таблици, било управувано од 33-годишниот А.Н. од Делчево, а велосипедистот М.Ј. (65) бил од селото Чешиново.
Во незгодата со тешки телесни повреди, или поточно скршеници на черепот, скршеници на две ребра и скршеница на лева потколеница, се здобил велосипедистот и бил пренесен во Медицинскиот центар во Штип, но поради сериозноста на повредите бил препратен во Ургентниот Центар во Скопје на Клиниката за неврохирургија и се наоѓа во животна опасност.
За време на вршење на увидот, сообраќајот за патничките моторни возила бил пренасочуван, додека за товарните моторни возила сообраќајот бил во целосен прекин, известуваат од МВР.
