
„Септември е период во годината кој е соодветен за организирање на продолжен одмор или пократко патување во земјата или соседството. Карактеристично за секој продолжен викенд е зголемениот интензитет на сообраќај и поголемата фреквенција на автомобили, а тоа во комбинација со неодгoворното учество во сообраќајот може да доведе до зголемување на бројот на сообраќајни незгоди и зголемување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди“, велат од РСБСП.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, да внимават на правилата за ограничување на брзината, да не престигнуваат неправилно и да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол.

100-ТЕ НАЈЦРНИ ДЕНОВИ НА ПАТИШТАТА
„Периодот од јуни до септември во светот е познат како 100-те најцрни денови на патиштата. Неофицијалните статистички податоци покажуваат дека од почетокот на годината па досега, 91 лицe го загубиле животот во сообраќајни незгоди на патиштата во Република Македонија, од кои 48 лица во првите 6 месеци и дури 43 лица во месец јули и август“, велат од советот.

Оттаму напоменуваат дека анализите и статистиката покажуваат дека за време на продолжен викенд посебно е голем бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од само еден учесник во сообраќајот, односно излетување на возилото од коловозот поради брзо возење, возење под одвлечено внимание или поради возење под дејство на алкохол.
