Македонска Каменица, 24.11.2018 година – Спортска сала во Македонска Каменица. Петто коло од женската младинска кошаркарска лига на Македонија (М-18). Натпревар помеѓу девете непоразени и водечки екипи на табелата ЖКК Баскет Кам – Македонска Каменица и ЖКК Бадел – Скопје.
Тежок натпревар за игра со блага резултатска предност за домаќините. Првиот дел заврши со само 28:24, што кажува за тежината на натпреварот, израмнетоста по квалитет на екипите и борбеноста на играчите под кошевите.

Можеме да кажеме дека во второто полувреме домаќините успеаа со рутинирана игра да го натераат моќниот и фаворизиран скопски противник да игра според каменички ноти. Резултатската предност постојано растеше во корист на домаќините, така на 3 минути пред крајот резултатот беше 52:38.
Најефикасни во домашната екипа беа Моника Зафировска со 22 поени, Бојана Попова со 16 и Стефани Колева со 14 поени.

Ова е петта победа на ЖКК Баскет Кам во првенството. Со оваа победа каменичките кошаркарки се лидери на табелата во ова елитно државно натпреварување.
Конечен резултат на натпреварот 56:42.
