Денес, во рамки на претпоследното коло од есенскиот дел на Втората машка кошаркарска лига на Македонија, во Кочани, се сретнаа екипите на КК Баскет Дино и КК Баскет Кам од Македонска Каменица.
Во еден исклучително интересен и неизвесен натпревар, гостите со колективна, борбена и пожртвувана игра на сите поединци успеаа да слават значајна победа со 84:71 поен. Иако домаќините постојано се обидуваа да се вратат резултстски, користејќи го домашниот терен и многубројна публика на трибините, КК Баскет Кам успеа да ја одржи двоцифрената резултатска предност во текот на целиот натпревар.

Најефикасен поединец на натпреварот повторно беше осумнесетгодишниот Александар Тодоровски со 36 постигнати кошеви.
Ова беше исклучително значаен натпревар за нас, во кој влеговме со единствена цел – победа против нашите директни конкуренти на пласман на горниот дел табелата. Со тимска и пожртвувана игра, преку ефикасни завршници во нападот и дисциплина во одбраната, успеавме да го добиеме ова тешко меѓуградско дерби. Сакам да нагласам дека кочанчани се покажаа како тешки противници, со пружениот отпор натпреварот беше неизвесен до крај. Нијанси го одлучија натпреварот, за кој морам да кажам дека беше одлично организиран од домаќините, фер и коректно проследен од многубројната публика во Кочани. – изјави по натпреварот тренерот на КК Баскет Кам, Горан Даниловски.
Со оваа победа екипата на КК Баскет Кам се искачи на 6-место на табелата од Втората кошаркарска лига на Македонија (мажи), каде заедно со КК ТФТ к КК Баксет Дино го дели петотто место.

