Здружението „Багери“ ги започна подготовките за манифестацијата “Избор на спортист на година во Македонска Каменица за 2024 година”

Македонска Каменица, 22. Декември 2024 година – Здружението на граѓани „Багери“ ги започна подготовките за првата манифестација „Избор на спортист на годината“, која ќе се одржи на 25 јануари 2025 година, во Домот на култура во Македонска Каменица, со почеток во 17 часот.
Претседателот на здружението, Ѕвонко Прангов, изјави дека организациониот одбор активно работи на создавање основа за успешна реализација на овој значаен спортски настан.

„Во следниот период ќе биде формирана комисија составена од претставници на сите спортски клубови од градот, професори по фискултура и спортски работници од Македонска Каменица. Задачата на ова тело ќе биде да ги дефинира категориите и да ги утврди спортистите кои ќе бидат наградени. Целта ни е да ги промовираме спортските успеси и да ја поттикнеме младината кон спортот,“ – истакна Прангов.
Манифестацијата „Избор на спортист на годината“ претставува прв ваков чекор во Македонска Каменица, со што се отвора можност за поддршка и промоција на локалните спортисти, спортските клубови и спортските колективи.

