Во Охрид се пријавени поплави во подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а за состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави
Oбилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава предизвикаа поплави и одрони во неколку региони во западниот дел, а во тек е евакуција на жители во некои од погодените места, соопштија попледнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Како што информираат оттаму поплави се пријавени во Кичево и Охрид, додека одрони има на патните правци Гостивар-Стража и Тетово-Бањиче поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.
Според ЦУК, во Кичево се регистрирани поплави на повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во тек е евакуација на жители, а на терен се наоѓаат екипи на Општина Кичево, на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Црвениот крст, Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ и други надлежни служби.
Во Охрид се пријавени поплави во подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а за состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.
Во Струга по пријава преку единствениот број за итни случаи – 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда.
„За состојбата е известено Јавното претпријатие „Македонија пат“ и се преземаат активности за санација“,
велат од ЦУК.
Во околината на Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.
По пријави преку бројот 112, регистирани се и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, на Лукавичка Река во селото Бало Турчане и на Сушичка Река во селото Горно Бањице, што предизвикале поплавување на земјоделско земјиште и дел од дворови на куќи.
„За состојбата се известени Општина Гостивар, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈКП „Комуналец“, Полициската станица ‘Гостивар’, како и ХЕЦ Маврово, каде по преземените мерки е намалено производството на електрична енергија“,
се вели во вонредното известување од ЦУК за состојбата по обилните врнежи до 17 часот.

Во Општина Боговиње поради излевање на вода надвор од постоечките канали, поплавено е обработливо земјиште. Од ЦУК ионформираат дека директорот на Јавното комунално претпријатие „Шари“ е на терен и ги координира активности со надлежните институции.
Кај селото Сирхан, битолско, е саниран одрон, додека во селото Дрмени поплавени се два двора, за што се известени Општина Ресен и тамошната канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување.

Од ЦУК наведуваат дека врнежите од дожд продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.
Според информациите од регионалните центри за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.
Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевање на реки, ниту се евидентирани последици од врнежит, а надлежните општински служби ја следат состојбата.
Во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип, исто така, не се пријавени поплави или одрони, и таму состојбата е стабилна и под контрола.
