ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД АХВ: СЕ ПОВЛЕКУВА ПОПУЛАРНА ФОРМУЛА ЗА ДОЕНЧИЊА ОД ПАЗАРОТ
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера спроведе вонредна инспекциска контрола кај увозник на почетна и последователна формула за доенчиња и диететска храна за посебни медицински намени.
Контролата е извршена по добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (RASFF) на Европската Унија за пласиран небезбеден производ на македонскиот пазар.
Станува збор за производот APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња, со потекло од Ирска. Кај производот е утврдено присуство на цереулид (cereulide), а како извор на контаминацијата е наведено маслото ARA.
Со инспекциската контрола е утврдено дека целата увезена количина веќе е дистрибуирана на пазарот и не е пронајдена во магацините на увозникот. АХВ информира дека е започнато итно повлекување на производот од продажба.
Агенцијата апелира до потрошувачите кои го имаат купено овој производ со наведениот лот и рок на употреба да не го користат и да го вратат на местото на купување.
Во врска со информациите за повлекување на неколку брендови формули за доенчиња од компанијата „Нестле“ во други европски земји, АХВ проверува дали тие се увезени во Македонија.
Засега, за тие производи нема официјално известување преку RASFF.
Како надлежна институција, АХВ ја следи состојбата и најавува дека навремено ќе преземе мерки за заштита на здравјето и безбедноста на бебињата доколку се појави потреба.

