Безбедноста на новинарите е еден од врвните приоритети на Министерството за внатрешни работи, а институцијата е максимално посветена на создавање безбедна и поволна средина за работа на медиумските работници, соопштија од МВР.
Оттаму информираат дека во таа насока е потпишан меморандум за соработка со Здружението на новинари на Македонија, определена е национална и локални фокални точки во рамки на кампањата на Советот на Европа за заштита на новинарите, а континуирано се организираат обуки и работилници со учество на полициски службеници, новинари и обвинители.
Според МВР, соработката со Обвинителството и ЗНМ е на највисоко ниво, а заеднички се изработени и прирачници за справување со безбедносните предизвици со кои се соочуваат новинарите.
Во соопштението се нагласува дека слободата на изразување и слободата на медиумите се темелни демократски вредности загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, Европската конвенција за човекови права и меѓународните стандарди, при што новинарите имаат клучна улога во информирањето на јавноста, отчетноста на институциите и заштитата на човековите права.
Како земја членка на Советот на Европа и држава што се стреми кон полноправно членство во Европската Унија, Северна Македонија има обврска и интерес да обезбеди системска заштита на новинарите. Во таа насока, во тек е постапка за формирање Национален комитет за заштита на новинар(к)и, што ќе претставува значајно унапредување на медиумската слобода и безбедноста на новинарите.
Целта на Комитетот е да обезбеди координација меѓу институциите, медиумските организации и граѓанскиот сектор, да ја следи состојбата со безбедноста на новинарите, да изработи Национален акциски план за нивна заштита во согласност со европските стандарди, како и да предложи мерки за превенција, заштита, гонење на сторители и подигање на јавната свест.
Од МВР очекуваат дека со формирањето на Комитетот ќе се воспостави институционален механизам за системска заштита на новинарите, ќе се унапреди координацијата меѓу државните органи и медиумските организации, ќе се зајакне довербата меѓу новинарската заедница и институциите и ќе се подобри позицијата на државата во меѓународните извештаи за медиумска слобода.
Министерството информира и дека во текот на 2025 година на национално ниво продолжил институционалниот ангажман за унапредување на безбедноста на новинарите, со редовни консултации, следење на пријавените случаи на закани и напади, размена на информации меѓу надлежните институции и унапредување на соработката со новинарските здруженија.
Во однос на онлајн вознемирувањето, особено на жените новинарки, МВР наведува дека се преземени конкретни чекори за побрзо и поефикасно постапување, при што во Секторот за компјутерски криминал е назначена контакт точка за итно реагирање на вакви случаи.
Од Министерството потенцираат дека соработката со медиумските работници, градењето меѓусебна доверба и обезбедувањето сигурна работна средина за новинарите остануваат еден од нивните врвни приоритети.

