Мајка од виничко си го бара детето родено пред 29 години во кочанската болница. Станува збор за здраво женско дете, родено на 13 јуни , со тежина од 3 килограми и 900 грама, прва радост на семејството Соколови од селото Липец:
- Се породив во 1988 година, ми го покажаа дететео беше во ред. По некое време пак го видов и беше добро, рече Даринка Соколова.
Но радоста на Даринка траела само една вечер. Веќе утредента, на неа и соопштуваат страшна вест:
- Дојде докторката и кога и го побарав детето ми рече дека немам дете, дека е мртво. Побарав да го видам но не ми дозволија, објасни Даринка.
По оваа вест, Даринка уште како леунка во болницата доживува неколку мозочни удари од кои последици трпи и сега. И треба долго време да се соземе и да побара документи со кои болницата ќе ја докаже смртта на нејзиното дете, но такво нешто нема ни до ден денешен. Единствено што успеала да дознае од полицијата е дека на датата на која е родена нејзината ќерка, во болничкиот дневник немало заведено родено дете:
- немам ништо ниту извод, ниту посмртница, никаков документ не ми дадоа, вели Соколова.
Со години, мајката ја потиснувала болката од загубата на детето, но и сомнежот дека нејзината рожбе не е мртва. Неукоста, болеста и сиромаштијата ја спречувале да покрене постапка за утврдување на вистината за судбината на нејзинто првороденче, но сега по старост се одлучила јавно да проговори.
Но, дали токму чекањето ќе биде најголемата пречка за таа да ја дознае вистината. Имено, во моментов таа може да поднесе само барање против непознат сторител за постоење сомнеж за исчезнување на детето од болницата.
Основа за кривична постапка нема, зашто оттогаш до денес поминале повеќе од 25 години, период за кој , според правниците можело да се истражува евентуално несовесно работење, да се направат ДНК анализи и да се поведе кривична постапка против тогашното раководство.

