Вирус на хеморагична треска, болеста која одзеде два живота во Гостиварско, а неколкумина хоспитализира, е изолиран кај девојка од Виница:
- Се работи за 22-годишна Ромка, кај која е реагирано многу бргу. веднаш е препратена на Клиниката за нефрологија во Скопје, каде е изолиран ХАНТАЛ вирус, причинител на хеморагична треска со бубрежен синдром, истакна д-р Горан Николов, спец. епидемиолог.
Засега нема точни податоци за тоа како таа се заразила со вирусот, но се претпоставува дека извор на заразата се глувци. Според лекарската анамнеза, таа потврдила дека во близина на местото на живеење имало глувци, па веројатно е дека таа дошла во контакт со заразен глушец, или со излачевини од него. Како можен извор на зараза се споменуваат и семки и сончоглед , а за кои постои сомнеж дека би можеле да бидат контаминирани со урина, измет или плунка од глушец кој го содржи вирусот на хеморагична треска.
Станува збор за болест која има сезонски карактер, најголем број на случаи се регистрираат во пролет, почеток на летото и есента.
Болеста се карактеризира со висока температура, малаксаност, гадење, повраќање, крварења по кожата, слузокожата, внатрешните органи и oштетување на бубрезите. Смртноста е помеѓу 0,5 и 15%.
Девојата е лекувана во Клиниката за нефрологија во Скопје и по успешно завршениое третман е пуштена дома:
- Станува збор за изолиран случај, но доколку се забележат симптоми на треска кај останатите членови на семејството, се препорачува веднаш да се јават на лекар. Исто така, потребно е подигање на нивото на лична и општа хигиена и уништување на глодарите, секако во рамки на можностите, појасни д-р Николов.
Ова е втор случај на пациент со хеморагична треска со бубрежен синдром на Истокот од почетокот на годинава. Претходно, во април, истиот е изолиран кај повозрасен маж од Кочани, кој исто така успешно го завршил лекувањето.
На ниво на држава во 2009 и во 2016 година се пријавени по еден случај од ова заболување, а во текот на 2017 година, потврдени се 5 случаи.

