
Четири одиграни кола, само еден постигнат гол. Без победа, со нула бодови на салдото. Тоа е краткиот пресек од “успехот” на ФК Каменица САСА во Втората фудбалска лига. Тежок распоред на почетокот, силни противнички екипи, лоша среќа или станува збор за нешто друго? Ќе престанеме ли да играме “одличен” фудбал, а да почнеме да победуваме? Вистина е дека Саса во првите три одиграни кола играше против силни екипи и уште посилни судии. Играше и против среќата. Но вчера, против штипска Брегалница, ФК Каменица САСА играше и против самата себе. Примивме “петарда”, а чекавме прва победа. Каменичката публика оправдано разочарана, не е навикната Саса редовно да губи од разни Брегалници и Плачковици.

Може ли вчерашниот пораз да ја разбуди заспаната Саса? Можеби ваков висок и тежок пораз беше и “потребен”! Треба ли веднаш после само 4 одиграни кола да се почне со барање одговорност за неуспесите? Да, треба! Но, од луѓе што нема само да констатираат дека “не ја бива”! Сите ние гледаме дека нешто не е во ред и нешто штима добро! Доволен показател и нервоза се четирите последователни порази. Сега можеби повеќе од гола критика е потребна подршка и помош, за да се пронајде најслабата карика во “заглавениот” механизам на ФК Каменица САСА.

Вчерашниот натпревар против ФК Брегалница беше добро одржана лекција. Уште на почетокот гостите промашија пенал во 5 минута, потоа успеаа да постигнат два гола за три минути (16′ и 19′). Сите обиди за враќање во игра до крајот на полувремето беа анемични. Второто полувреме комплетно игра “сами против себе”, без реализација во нападот (една погодена пречка), многу “дупки” во одбраната. Гостите немилосрдно ја затресоа нашата мрежа уште во три наврати, а промашија уште толку прилики за гол.

И сосем кратко, на крај. Каменичката публика сака победи и добри резултати! Доста од трибините броевме стативи и пречки, одбранети полуконтри и промашени зицери! Каменичани од ФК Каменица САСА очекуваат и заслужуваат победи! Подршката до Вас момци, од сите љубители на фудбалот во Каменица е огромна!
Се гледаме на трибини!
