Розово за женско, сино за машко. Барбика за роденден за ќерката, топка за братчето. Обоени етикети однапред не дефинирале кои сме. Но, дали сме толку едноставни?
„Не знам тие како ме доживувале мене, ама јас знам како јас се имам доживувано. Дефинитивно никогаш не сум се чувствувал како женско. “ – вели Алекс Ристовски.
Себе си се опишува со еден збор – енигма. Уморен е секојдневно да го убедува светот за својот родов идентитет.
„Мене ме понижуваа од кога јас знам за себе, само затоа што не можат да проценат дали сум машко или женско. Никој не заслужува, тоа не е избор а луѓето го третираат како избор.“ – објаснува тој.
Вели отсекогаш се чувствувал како маж, па секо утро му пркоси на одразот во огледалото. Женските облини пак, особено го издаваат во лето, а тогаш се чувствува виновен, бидејќи мисли дека го излажал секој оној, на кој му се претставил како Алекс.
„Се имам чувствувано како карикатура едноставно тоа не сум јас. Нека се замисли некое машко роден како маж, да треба да отиде на разговор за работа облечен како женско. Значи тоа е буквално исто чувство. Анксиозност“ – вели Ристовски.
На потсмев и насилство се навикнал од дете. Најтешката депресија ја надминал кога сфатил дека и во Македонија има многу трансродови лица. Дел од нив ги сретнал и во тајното засолниште во Сигурната куќа за ЛГБТ заедницата во склоп на Хелсиншкиот комитет.
„Тоа што е многу специфично во периодот кога доаѓаат односно во периодот на психосоцијална поддршка, може да се забележи дека скоро кај сите лица се појавуваат симптоми на една депресивна слика, многу често повеќе од нив подлежат и на фармакотерапија. Ние се обидуваме со ресурсите кои ни си на располаѓање да им излеземе во пресрет и да им дадеме една адекватна психосоцијална поддршка.“ – вели Зорица Николова – менаџерка и психолог во Сигурната куќа за ЛГБТ лица – жртви од насилство и дискриминација.
По емотивното лекување, овие лица повторно се враќаат во својот реален свет. А таму, освен што не постои закон кој ќе ги штити од дискриминација и насилство, се соочуваат со дополнителни правни апсурди. Според личната карта на пример, Алекс е машко, но со матичен број со женски полов код, а тоа знае да биде многу проблематично.
„Лицето коешто работи позади стаклото почнува да поставува прашања. А позади тебе чекаат редица на луѓе и ти мораш постојано да го објаснуваш твојот идентитет, а тоа е тема која што е крајно неприфатлива во нашата држава и наидуваш на потсмев. Дури те ставаат во ризик, затоа што ти не знаеш кој стои во таа толпа.“ – вели Ристовски.
Ова е повреда на правото на приватност, пресуди и судот во Стразбур за сличен случај како Алекс, и и‘ наложи на Македонија да плати отштета. Законска заштита на родовиот идентитет наложува и Европската Унија, а Владата, и покрај гласните противења на дел од конзервативните политички партии, уверува дека наскоро ќе има законски измени.
„Јас како битие заслужувам заштита од дискриминација од насилство, заслужувам почит затоа што имам достоинство!” – вели Ристовски.
Алекс искрено сака да верува во промени, не само за себе, за сите оние кои се осудени да живеат во својот магичен балон и кои се борат за основните човекови права!
