Три месеци по смртта на 15 –годишниот ученик, кој беше прегзен на пешачки премин пред училиштето во Штип, возачот се’ уште е на слобода, додека истрагата не е завршена. Веќе подолго време кружат шпекулации дека 68-годишниот возач Богдан М., одамна ја напуштил државата и веќе е во Америка, кај неговата ќерка.
Основниот јавен обвинител Ристе Бојаџиев, кој ја води истрагата, ги демантира овие шпекулации. Тој вели дека возачот е во Македонија, а пасошот со американската виза е во Обвинителството. Што се однесува до истагата, таа е на кај, со тоа што се очекува оригиналниот документ од Судска медицина. Овој извештај, што Обвинителството го има во копија, треба да биде во оригинал, но ќе го има кога ќе плати за нарачаното вештачење.
-На возачот, покрај тоа што му е одземен пасошот, изречена му е мерка претпазливост, што значи дека не може да ја напушти земјата, вели обвинителот Бојаџиев.
За Богдан М. се подготвува обвиниение за делото „Тешки дела против безбедноста во сообраќајот“, за кое во Кривичниот законик е предвидена казна затвор од една до пет години.
15-годишниот Мустафа Седат беше прегазен на 9-ти ноември 2018 година, на пешачки премин на големиот одмор, додека со соучениците тргнал да купи храна. По 12 дена во кома, почина на 21-ви ноември.
