Електричните возила меѓу екологијата и контролата: вистината зад „зелената“ илузија
Автор: Дејан Митевски

Електричните возила се претставуваат како симбол на иднината: чисти, тивки и „зелени“. Ни се вели дека тие се решението за загадувањето, климатските промени и урбаниот хаос. Но дали е тоа целата вистина или само внимателно спакуван маркетинг? Најголемата заблуда што му се продава на народот е едноставна: ако возилото не троши гориво, тогаш е еколошко. Реалноста е многу покомплексна. Електричното возило можеби нема ауспух, но тоа не значи дека нема еколошки отпечаток. Напротив, загадувањето само е преместено подалеку од очите на потрошувачот.
Срцето на секое електрично возило е батеријата, а батериите се произведуваат од литиум, кобалт, никел и други ретки метали. Тие бараат масовно рударење и уништување почви и води и создаваат сериозен јаглероден отпечаток уште пред возилото да излезе на пат. Производството на литиум-јонските батерии има просечен емисиски отпечаток од 17,6 kg CO₂ – еквивалент по килограм батерија. За батерија од 500 кг, тоа значи околу 8,8 тони CO₂ – еквивалент пред автомобилот да тргне на пат. Ако електричната енергија доаѓа од јаглен или гас, целосната емисија од возилото може да биде слична или повисока од класичен автомобил со внатрешно согорување, земајќи предвид дека секоја трансформација на енергијата е со одредена загуба на енергијата, зависно од коефициентот на искористување. Целосната животна емисија зависи од тоа како се произведува електричната енергија, а не само од тоа дека возилото нема ауспух.
Отпадот од батерии е сериозна еколошка закана. Во Светот се фрлаат милијарди батерии годишно, создавајќи стотици илјади тони токсичен отпад. Рециклирањето е скапо и технолошки ограничено, а поголемиот дел од батериите може да заврши на депонии или трајно да ги контаминира почвите и водите. Електричните возила не се „нулта емисија“ – тие се само „преместени емисии“ и иднината на отпадот е сериозен проблем.
Целта не е екологија, туку контрола. Желбата за моќ на оние кои го управуват Светот се манифестира и преку возилата. Со тек на време, секој ќе мора да има електрично возило, но не секој ќе може да си дозволи да го купи. Ќе нема да може да се возат возила по 20 и повеќе години и ќе мора да се земаат кредити, како и опции за лизинг, за да се „поседува“ возило. На тој начин, ќе се плаќа месечен надоместок, нормално со профит за банките, за да се користи возило.
Покрај еколошката дебата, постои реален тренд кај производителите на автомобили за заклучување функции зад софтверски „pay-to-use“ системи. Дури и ако формално возилото е твоја сопственост, многу функции зависат од повремено плаќање. Производителите веќе користат плаќање услуги за премиум навигација, live traffic, некои Bluetooth услуги, Remote start и мобилни конекции, како и за автономни системи за возење. Tesla Full Self-Driving се плаќа одделно и може да достигне илјадници долари. Toyota наплаќа околу 8 долари месечно за Remote Start, а BMW и Mercedes во некои пазари наплаќа премиум функции на месечна база. Возилото постепено станува дигитален уред, каде функциите се контролираат од софтвер, а не само од сопственикот.
Современите електрични возила собираат податоци за локација и стил на возење и се поврзани со интернет платформи, што отвора прашања за приватност и комерцијална експлоатација на податоците. Батеријата има ограничен век, замената е скапа, а независните сервиси често се исклучени. За разлика од класичните возила, електричното возило не е дизајнирано да трае 20 до 30 години, па и повеќе, туку да се замени.
Ако ова навистина беше за екологија, зошто не се инвестира масовно во јавен превоз, зошто не се стимулира долготрајност и поправка, зошто не се намалува производството туку се зголемува? Можеби затоа што ова не е револуција за Планетата, туку револуција на бизнис моделот.
Извор: Дејан Митевски https://www.facebook.com/share/p/1ADc8s3FGh/

