Каменичката парохија ја информира јавноста дека по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, во понеделник, на 19 јануари 2026 година, во Македонска Каменица ќе се одржи традиционалниот Богојавленски водосвет.
Според најавата, водосветот ќе започне во 12:30 часот во храмот „Успение на Пресвета Богородица“, а околу 12:50 часот ќе следува спуштање на Чесниот Крст во водите на Каменичка Река. Чинот ќе го изврши надлежниот архиереј, Епископот Делчевско-каменички г. Марко.
Од Каменичката парохија информираат дека сите лица кои сакаат да учествуваат во фаќањето на Чесниот Крст задолжително треба да се пријават во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ најдоцна до недела, 18 јануари 2026 година, до 16:00 часот, со приложување медицинско уверение од матичен лекар.
Воедно, упатен е апел до сите кои нема да бидат пријавени да не влегуваат во водите на Каменичка Река. Од парохијата ги повикуваат верниците и граѓаните заеднички да го одбележат празникот.
Бог се јави!

