Ротари клуб Кочани-Виница со донација за детската градинка „Детелина“
Ротари клуб Кочани-Виница, реализираше донација за Детската градинка „Детелина“, со што даде поддршка за подобрување на условите за престој на најмладите.

Во рамки на донацијата, обезбедени се седум сета детски мебел, односно седум маси и 28 столчиња, наменети за секојдневните активности на децата во градинката. Целта е создавање поудобна и побезбедна средина за нивен престој и развој.
Од Ротари клубот информираат дека ова е прва донација за новата градинка, а на средбата било договорено соработката да продолжи и во наредниот период, со поддршка таму каде што ќе се јави потреба.
Претставниците на клубот упатија благодарност за топлиот прием и гостопримството, нагласувајќи дека ваквите активности се дел од нивната заложба за унапредување на условите за детски развој и образование.

