ДЗС: Трета работна средба на Ангелов со доброволните пожарникари
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, денеска одржа работна средба со претставници на дел од доброволните противпожарни друштва (ДПД) во државата, во пресрет на претстојната сезона на пожари.
Ова е трета ваква средба, од вкупно четири планирани, што се реализираат од јуни минатата година. Според достапните информации, претходно вакви редовни средби со доброволните пожарникари не биле организирани.
На средбата се разговараше за подобра подготовка за идните пожарни сезони, со посебен акцент на пожари на отворен простор. Разгледани беа можностите за поефикасна соработка меѓу ДПД и ДЗС, како и иницијативи за измени на одредени законски решенија поврзани со противпожарната заштита.
Посебно внимание беше посветено на унапредување на техничко-технолошката опременост на доброволните друштва, како и на тактичката и оперативната подготвеност за нивна мобилизација и дејствување на терен.
Во рамки на средбата беа споделени и противпожарни искуства од Италија, Словенија и други земји, со цел тие да бидат пренесени до речиси сите активни ДПД во државата.
Ангелов најави дека нова слична работна средба е планирана за почетокот на февруари, со цел континуирано јакнење на соработката и подготвеноста за справување со пожари.2

