Предлогот на неколку пратеници да се измени Законот за заштита од пушењето по скратена постапка, предизвика реакции на социјалните мрежи. Сите ние, пушачи и непушачи влеговме во голема меѓусебна расправија на темата: дали во угостителските објекти треба да се пуши или не?
Ова прашање не однесе во длабоки расправии нас граѓаните откако разбраа за предложените измени од група пратеници кои ќе направат олеснувања за угостителите во Законот за пушење.
Предлогот, според нив, се прави поради влошувањето на економската состојба во земјата, како и поради драстично намалената посетеност на кафеаните, кафе баровите и диско-клубовите заради што сопствениците биле принудени да отпуштат дел од вработениот персонал. Според пратениците, угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот од околу 75% особено за време на периодите кога временските прилики не се поволни за работа.

„Угостителите се принудени нивните гости кои сакаат да запалат цигара, или да ги одвратат од намерата да бидат нивни гости, или пак да ги упатат гостите вон деловниот објект, вклучително и вон терасите и летните бавчи, што е мошне неприкладно, недолично и непродуктивно. Контрадикторноста на Законот ја гледаме во тоа што истото дејствие, т.е. запалена цигара надвор од деловниот објект (на тераса, летна бавча и слично), ако се временските услови погодни и преградите подигнати или отстранети, не подлежи на санкција, додека во спротивно подлежи на санкција, која патем е огромна. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација“, се вели во предлогот на пратениците.

