
И животот има цена, а во Македонија таа изнесува 180 евра годишно. Толку пари се потребни за да се земе полиса за животно осигурување со која самите, а уште поважно, и најблиските финансиски ќе ги обезбедите во случај на некаква идна ненадејна несреќа, болест или друг несакан инцидент. Сепак, овој тип на осигурување кај нас се уште е во повој иако ваквата полисата нуди двојна поволност бидејќи, без разлика дали нешто ќе ви се случи, осигурителната компанија парите ќе ви ги исплати, или како премија или како заштеда.
За разлика од развиените земји, кај нас, бизнисот со полисите за животното осигурување се уште има широк пазарен простор за освојување. Навистина, осигурувањето на живот во последните години остварува двоцифрени стапки на раст, но се уште зазема скромно учеството од 14,8 отсто во целиот сектор. Причините за ова се бројни. Од ниската економска моќ на поширокиот слој население, нивната недоволна информираност, па се до сомнежот дека навреме ќе ја добијат очекуваната отштета од осигурителните компаниина. одговорност има и кај осигурителните компании. Тие треба да го поднесат најголемиот дел од товарот за да ги расчистат овие сомневања и да допрат до граѓаните со вистинска понуда и порака и со тоа да ја зголемат свесноста кај нив за придобивките од овој вид на осигурување.

Четири компании
Бројките од Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажуваат дека се уште се водиме по старата практика, да се осигурува само што мора, а кога ќе се случи незгода тогаш да трчаме по полиси. Така, во вкупната структура на бруто полисираната премија на македонските осигурителни компании најзначајно учество има осигурувањето кај моторните возила со 52,92 отсто, при што осигурувањето од автомобилска одговорност учествува со 44,22 отсто, а доброволното осигурување на моторни возила (каско) со 8,70 отсто. Да кажеме дека првото осигурување е законски задолжително, а без второто не може да се купи возило на кредит или на лизинг. Потоа, следува осигурувањето на имот (од пожар, природни непогоди, кражби и други ризици) со 17,83 отсто и осигурувањето од последици на несреќен случај (незгода) со учество од 7,63 отсто. Осигурувањето на живот завзема учество од 14,81 отсто.

Инаку, кај нас осигурување на живот нудат четири компании, од кои доминантно учество имаат две друштва за осигурување. „Кроација живот“ има учество од 42,8 отсто, а „Граве“ од 36,4 отсто. „Винер живот“ држи 15,1 отсто од пазарот, а „Уника живот“ само 5,6 отсто.
Истовремено се штеди
Извештајот на Агенцијата покажува завиден раст од 58,1 отсто на бројот на склучени полиси во 2016 година во споредба со претходната година. Лани биле склучени 13.733 полиси за осигурување на живот, додека во 2015 година оваа бројка изнесувала 8.683 полиси. Ова им дава оптимизам, но и обврска на осигурителните компании повеќе да се посветат во доближување на животното осигурување до корисниците.
Осигурителите нудат два вида на животно осигурување кои се разликуваат според штедната карактеристика на производот и начинот на уплата на премија. За осигурување со штеден карактер, уплатената премија е повисока и во случај на смрт на корисникот му се исплаќа осигурената сума плус припишаната добивка, а во случај на доживување уплатената премија се враќа зголемена за очекувана добивка.
За осигурување без штеден карактер, премијата е пониска и на корисникот на осигурување му се исплаќа осигурениот износ само во случај на настапување на смрт на осигуреникот.
Премијата може да се плати еднократно или на месечни, квартални, полугодишни или годишни рати. Покрај поединечно осигурување, има и колективно осигурување, каде што со еден договор за осигурување можат да се осигураат десет или повеќе лица.



