
Македонска Каменица 14. 10. 2017 (kamenica.mk)
ФК Каменица САСА денес играше различен фудбал од она што го гледавме во досегашниот дел од првенството и успеа да победи. Каменичани доминираа во текот на целиот натпревар против кавадаречкиот второлигаш ФК Тиквеш. Создадоа многу шанси за гол, а успеаа да реализираат по една и во двете полувремиња.

Резултатот го отвори Зоран Златковски, кој по успешното нафрлување на младиот Виктор Марковски од десната страна, успеа од непосредна близина во 27 минута да го совлада гостинскиот голман. Пред крајот на првиот дел , каменичани имаа уште неколку шанси, а најблиску до зголемување на водството беа во 44 минута кога Златковски успеа само да го погоди дирекот од гостинскиот гол. Вториот дел беше полесен за игра, особено по постигнувањето на вториот гол во 60 минута од натпреварот. Стрелец на вториот гол беше најдобриот поединец на денешниот натпревар и во текот на досегашното првенство во редовите на Саса, Иван Митров. По една долга топка од Емил Рунчев, одличниот Митров се најде сам пред гостинскиот голман, при што со одличен дриблинг се ослободи од него и ја смести топката во празниот гол на ФК Тиквеш.

Каменичката публика конечно ја виде екипата од својот град во едно поинакво светло и издание. Саса триумфираше резултатски и успеа да го надигра противникот во секој дел од играта на теренот. Се надеваме дека и во продолжението од првенството ќе гледаме одличен фудбал со уште многу победи и голови и против многу посилни екипи.

РЕЗУЛТАТИ – 8. КОЛО
Осогово – Борец 1-2
Плачковица – Кожуф 3-1
Каменица Саса – Тиквеш 2-0
Беласица – Брегалница (19 часот)
Победа Валандово – слободна
ТАБЕЛА:
Беласица 16 бода, Брегалница 14, Борец 13, Плачковица 12, Кожуф 8, Тиквеш 7, Осогово 7, Победа Валандово 5, Саса 4 бода.
