Safe City?
Што ќе се случеше ако казните беа двонасочни?
Ако граѓаните можеа да ја казнуваат власта за секој сообраќаен хаос што го создава?
Градот е блокиран. Блокиран не од снег, не од невреме, не од протест, туку од сопствените неспособни институции.
Секој ден сме сведоци на казни за брзина, за непрописно тргнување, за премин на жолто… И во ред е да има ред. Но, што ако можевме и ние, граѓаните, да возвратиме со истата логика?

Замислете двонасочен систем за казни – не само возачите да плаќаат за секоја ситница, туку и власта да сноси одговорност за секоја нивна „дупка“ во работењето. Еве како би изгледала стварноста:
1. Казна за секоја огромна незакрпена дупка на коловозот
Граѓаните би имале цело богатство.
Секој удар во дупка = казна.
Секој уништен амортизер = двојна казна.
Ако дупката е длабока повеќе од 10 см — бонус поени.
Ќе се собереа повеќе пари отколку од сите камери заедно.
2. Казна за секое неадекватно сообраќајно решение
Погрешно поставен знак? = Казна.
Нема знак после семафор? = Казна.
Ограничување на булевар како во зона на училиште? = Казна.
Три ленти што наеднаш стануваат една без предупредување? = Казна + писмено извинение.
Во ваков систем, не би требало многу – сообраќајот би се решавал за рекордни рокови.
3. Казна за секој хаос поради ископани индуктивни јамки и раскопани ленти
Денес гледаме километарски колони, а никој не знае зошто.
Ископана лента? Немаат табла.
Извадени индуктивни јамки? Семафорите „лудуваат“.
Резултат? Чекаме по 15 минути на крстосница што обично трае 30 секунди.
Во моментот низ Автокоманда, 600 метри се возат 43 минути.
Во двонасочен систем:
Секој ден застој = казна.
Секој изгубен литар гориво поради нивна неорганизација = казна.
Секој ден без синхронизација на семафори = казна за секоја лента.
Секое загадување на животната средина од прекумерно стоење во место заради нерегулиран сообраќај = казна.
4. Казна за секоја неорганизирана „реформа“
Камери поставени? Добро.
Систем за предупредување? Уште подобро.
Но, ако ништо друго не е прилагодено — тогаш тоа е само рецепт за хаос.
Бидејќи вистинскиот Safe City не почнува со камери.
Почнува со инфраструктура.
Со логика.
Со синхронизирани семафори, со нормални ограничувања, со безбедни премини, со кружни текови, со проток што не го гуши градот.
Ако граѓаните можеа да казнуваат, градот ќе беше среден за три месеци
Не затоа што институциите би сакале, туку затоа што конечно би почувствувале на своја кожа што значи да се биде казнет за туѓ пропуст.
Можеби тогаш би немало:
– дупки од по 10 години,
– раскопани ленти без табла,
– колони без причина,
– семафори што работат како да се на батерии,
– и ограничувања што изгледаат како да ги смислиле преку викенд во кафана.
Град со двонасочна одговорност би бил вистински Safe City — а не само град под надзор.

