Знаењето на повеќе странски јазици може да му овозможи на секој човек подобар развој и подобра иднина, што е доволна причина да го убедите вашето дете да научи некој странски јазик.

Децата учат побрзо од возрасните
Поради безгрижниот ум, децата учат брзо и низ игра па затоа е подобро да почнат со учењето на странски јазик додека се мали. Раното учење на странски јазик му овозможува на детето побрзо да го совлада јазикот и да научи подобро да го користи во иднина.
Децата немаат други обврски
Многу е поедноставно детето да учи странски јазик додека посетува школска настава, бидејќи тоа нема друга обврска освен учењето. Поради тоа, учењето на јазик не им претставува обврска, туку забава.
Развивање на работна навика
Одењето на курс за јазици му нуди на детето нова обврска која мора да ја почитува, што е одлична можност да се навикне на извршување на работни обврски. Така, децата стануваат поодговорни и обично покажуваат подобар успех во училиште.
Така се вежба мозокот
Бројни истражувања имаат покажано дека учењето на нов јазик ја подобрува мозочната активност. Децата кои учеле повеќе од еден јазик имале подобра мозочна структура и способност за препознавање од децата кои го знаеле само мајчиниот јазик.

Ги решава проблемите со мајчиниот јазик
Децата кои имаат потешкотии со изговарањето на одредени букви од мајчиниот јазик полесно можат да ги искоренат овие проблеми со учењето на нов јазик.
Ги спрема децата за „мултитаскинг“
Едно канадско истражување покажало дека децата кои учат уште некој јазик покрај мајчиниот полесно е снаоѓаат кога се бара од нив да извршат повеќе обврски истовремено. Тоа ги спрема за „мултитаскингот“ кој ги чека понатаму во животот.
Добар темел и инвестиција за иднината
Низ забава и дружење децата полесно го совладуваат материјалот кој ќе им биде потребен кога ќе пораснат. Учењето на странски јазик ќе им отвори на вашите деца поголем број можности во иднина.
Одличен начин да се подигне самодовербата кај децата
Децата кои учат странски јазици обично имаат поголемо ниво на самодоверба и полесно стекнуваат нови пријателства од останатите.
Полесно ја прифаќаат различноста
Една од главните причини поради кои вашето дете треба да учи странски јазик е за полесно да ја прифатат мултикултуралноста и разликите кај различните националности и етнички групи. Кога тие ќе пораснат, ќе се чувствуваат поприфатено и поудобно во општества каде не се зборува нивниот мајчин јазик.
Квалитетно поминато време
Вашето дете во иднина ќе ви биде благодарно затоа што сте го убедиле да помине време со неговите врсници учејќи нови јазици.




