
Станува збор за почеток на реализирање на еден заеднички сон на овие шестмина врвни академски музичари, зад кои е 20-годишна активност, не само на домашната сцена, туку и во светот. Во текот на следната година јавноста во целост ќе го запознае овој проект, на кој „Дрим тим“ целосно ќе му се посвети во наредниот период.
– Ова е нова страница за сите нас, нешто сосема различно од она што сме го работеле досега и реализација на една уникатна идеја која, убедени сме, ќе остави голем печат, односно ќе ја одбележи наредната година – велат музичарите од групата „Дрим тим“.
Првата нумера е составена од пет дела, чии автори се Сашко Велков, бугарскиот музичар Мартин Лубенов и легендата на македонската музика, Стево Теодосиевски.
Присутните на промоцијата го погледнаа и спотот снимен на неколку интересни локации низ целата земја. Првата нумера од проектот „Етно балкан“ е всушност еден неверојатен микс од музички парчиња во 11/8 ритам од македонскиот фолклор.
Почетната тема е од стара македонска песна, но има и латино-ориентален дел, потоа композиција во поживо темпо во фанк ритам, а дел е со ориентални фрагменти комбинирани со латино-шпански мелос, соло и импровизации. Слушнавме и една брза разиграна двојка со звуци од тракискиот предел и композиција повторно со елементи од македонскиот фолклор, брзи и маестрални фрази во 7/16 ритам. Инаку, видеото за оваа нумера е работено во соработка со „Ин ТВ“.
– Не ни планиравме да има спот, но со записот всушност направиме една целина. Спотот го снимавме на повеќе локации, дел во околината на Скопје, дел на Осоговските Планини, во Македонска Каменица – ни рекоа членовите на „Дрим тим“.

